Патриотски приказни
Битката кај Студеница 1903
На 19 јули 1903 год., на две недели пред Илиден, кај месноста Студеница близу селото Беловодица во Прилепско дошло до судир помеѓу силите на ВМРО и османлиската жандармерија и армија.
Подготовки за востание и ненадеен судир
Во тоа време веќе биле започнати подготовките за Илинденското востание, се собирале оружје, муниција и намирници, а во прилепскиот реон биле распоредени четири чети, кон кои навечер се придружувале младинци од Прилеп. На 19 јули (6 јули стар стил) 1903 год, еден особено топол ден, триесетина граѓани се придружиле на здружената чета на војводите Петар Ацев и Никола Пешков кај месноста Студеница на Селечка Пл., зафаќајќи едно возвишение на планинскиот срт недалеку од с. Беловодица. Сите вкупно броеле околу 80 души. Тогаш ненадејно наишла група на османлиски жандарми во бројка од 30-50 души од правецот на с. Пештани. Четата забележала дека жандармите се движат директно кон неа и започнала полемика дали да се отвори оган или да се отстапи. Додека се договарале, некој пукнал и жандармите го возвратиле оганот. Настанала паника и четата ја напуштиле височината, спуштајќи се кон југ. Некои од четниците се распрснале, а набргу пристигнал аскер од гарнизонот во с. Дуње кој се наоѓал на само неколку километри одалеченост. Под оган од повеќе страни, четниците се бореле поединечно и во помали групи.
Во борбата загинале 18 борци. Најголемиот дел од нив биле од групата граѓани од Прилеп која се приклучила на четите. Дел од нив биле убиени во борба, а дел од нив загинале при бегството низ планината, од тешкиот напор, жештината и жед. Четата немала информации колкумина загинале, а колку побегнале, па следниот ден бил пратен човек од с. Дуње да дознае што се случило. Меѓу загинатите биле почитуваниот револуционер и учител Тале Христов, учителот Димитар Сливјанов, свештеникот Козма, Глигор Ракиџиев, Јордан Нунев и други.
Тој ден организацијата загубила значајни работници и борци – токму пред востанието, а Прилеп загубил значаен дел од револуционерната градска интелигенција.
Да не се заборават хероите, вечна им слава!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери