Историја, Меѓувоен период

Бугарскиот мит за Рацин и цар Борис

кочо рацин цар борис

Од (про)бугарските иредентисти се шири една слика на која е прикажано како бугарскиот цар Борис III е носен на раце од група на луѓе, а описот кој се споделува е дека еден од тие кои со радост го носат царот е македонскиот поет Кочо Рацин, без никаква проверка или потврда на веродостојноста на тоа тврдење.

Станува збор за уште еден бугарски мит. Освен сличноста во изгледот помеѓу Рацин и мажот кој на сликата го држи царот Борис од неговата десна страна, не постои ниту еден друг доказ или аргумент кој би докажал дека навистина станува збор за Рацин. Не постои сведоштво, писмо, спомен, документ или било каков историски запис кој би укажал на тоа дека Рацин имал таква средба со бугарскиот цар, пред ВСВ во Бугарија или во текот на ВСВ во Македонија. Буквално се работи за замисла која дошла во умот на некој Бугарин, кој гледајќи ја сликата приметил сличност во изгледот помеѓу Рацин и човекот на сликата, па решил да ја обзнани својата теорија како историски факт.

Фотографија без контекст и без историски извори

Зборуваме за Кочо Рацин, мислителот кој пишувал за Македонија и Македонци, против околните пропаганди за присвојување на македонската земја, на народен македонски јазик под влијание на К. П. Мисирков; Рацин, кој бил комунист и ги споделувал гледиштата на партијата во однос на македонското прашање; Рацин, кој во 1942 год. е уапсен од бугарската полиција и наредната 1943 год. се приклучил на македонските партизански одреди. Со која логика се тврди дека ова е истиот Рацин кој го носел царот Борис на раце?

Бугарите исто така се обидуваат да го претстават Рацин како горд бугарски патриот преку наводни декларации на бугарска свест од страна на Рацин, посведочени преку „рекла-кажала“ муабети од други. Да ги споделувал таквите гледишта кои му ги припишуваат, Рацин – поетот со дарба на пишаниот збор – сам ќе ги обелоденел и ќе напишел барем еден текст во кој би се декларирал како Бугарин, или барем ќе покажел пробугарски чувства. На големо разочарување на непријателите на македонската нација, во текстовите на Рацин може да се најде само македонски патриотизам, стремеж за слободна Македонија на македонскиот народ, како и осуда за големобугарскиот и големосрпскиот иредентизам кон Македонија.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD