Историја, Независна Македонија

Заседа на патот Гајре-Шипковица 2001

Заседа Гајре Шипковица

Еден месец по крвавата заседа во Вејце, на 5 јуни 2001 год. на патот помеѓу селата Гајре и Шипковица во друга заседа животот го загубиле петмина припадници на АРМ.

Тој ден албанските терористи во реонот на Шар Пл. извршиле три напади: врз пунктот помеѓу Лавце и Селце, врз пунктот на асфалтниот пат близу до овие две села и третиот бил врз пунктот кај Шипковица. Во последниот напад биле повредени четворица полицајци. Заседата била извршена врз две армиски возила, кои независно едно од друго се движеле кон пунктот кај Шипковица.

Тројни напади на Шар Планина

Во заседата прво паднало возило „Застава пик-ап 101“ кое носело храна за пунктот во Шипковица. Било погодено со ракетен фрлач и на лице место загинале постариот водник Исак Руфати (42, од с. Одри, Тетовско) и приправникот Кољо Китанов (19, од с. Сарај, Струмичко, најмладата жртва од македонските безбедносни сили). По пет минути, по претходна наредба и без придружба, на истата локација во заседа влетал и џип „Ленд ровер“ кој се упатил да им помогне на повредените во Шипковица. Од четворица резервисти во возилото, биле убиени тројца, сите од Битола: Благојче Силјанов (33), Влатко Миленковски (29) и Пеце Матичевски (22).

За жал, заседата на патот Гајре-Шипковица е една од многуте во која безбедносните пропусти – некоординацијата, непретпазливоста и постојаното протекување на доверливи информации за движењето на силите – чинеа многу македонски животи. Нека грешките од минатото служат како поука за иднината и нека жртвата на бранителите служи како вечен долг кон татковината и оние кои го положиле животот за неа, долг кој ние мораме да го отплатиме.

Да се потсетиме на Исак, Благојче, Влатко и младите Пеце и Кољо. Вечна им слава!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD