Патриотски приказни
Св. Кирил и Методиј – Апостоли на Словените
Светите Кирил и Методиј се вбројуваат меѓу најголемите историски фигури од словенскиот род, а ние Македонците ја имаме честа да кажеме дека потекнале од македонската земја и од оние Словени кои подоцна развиле македонска национална свест. На овој ден посветен на светите браќа, во годината во која одбележуваме 1160 годишнина од нивната славна Моравска мисија, да си спомнеме за нив.
Не се знае со сигурност дали браќата биле Словени, Грци, или мешавина. Со оглед на нивната посветеност во просветувањето на Словените, одличното познавање на словенскиот јазик и одлучноста во неговата одбрана пред тријазичниците, може да се претпостави дека потекнувале од словенскиот род.
Словенска мисионерска дејност
Св. Кирил и Методиј во служба на византискиот цар спроведувале мисионерска дејност помеѓу Арапите, Хазарите и најзначајно помеѓу Словените. Позната е нивната Брегалничка мисија, во која биле покрстени илјадници македонски Словени во долината на реката Брегалница, а мисијата која ги впишала во светската историја е Моравската: по барање на моравскиот кнез Ростислав и по налог на византискиот цар Михаил III, тие заминале во Моравија за христијанска просвета на тамошниот словенски народ – за прв пат на словенски јазик, со словенски книги и во словенски училишта.
Една од најголемите заблуди за светите браќа е нивното поистоветување со создавањето на кирилицата, па така и на сликата на оваа објава Св. Кирил е прикажан со кирилската азбука во раце. Кирилицата не била создадена од светите браќа, туку била создадена од наследниците на нивното дело и крстена според учителот Св. Кирил, а светите браќа ја создале глаголицата – првата словенска азбука. Тие биле и првите кои го кодифицирале словенскиот јазик, земајќи го за основа говорот на македонските Словени од околината на Солун, од каде што потекнувале и тие.
Вечна им слава на христијанските, сесловенски и македонски просветители – светите браќа Кирил и Методиј!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери