ВМРО, Историја, Меѓувоен период

Софијска декларација 1929

ВМРО и Усташа

Југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ воспоставил диктаторски режим на 6 јануари 1929 год. Сите политички партии биле забранети и како резултат на тоа се појавила хрватската револуционерна организација Усташа, предводена од Анте Павелиќ. Организацијата започнала со терористички акции: прва жртва бил Тони Шлегел, пројугословенски новинар и уредник на загрепскиот весник „Новости“, убиен на 22 март.

Братска посета и историскиот договор

Природно, усташите за сојузник ја имале ВМРО, која веќе подолго од деценија водела револуционерна борба против српскиот режим. На 19 април 1929 год. во Софија пристигнале Павелиќ и Густав Перчец за да се официјализира соработката. Тие, во името на хрватската револуционерна организација, на 20 април потпишале заедничка декларација со Националниот комитет на Сојузот на македонски емигрантски организации, кој во реалноста ја претставувал ВМРО. Текстот на декларацијата бил следниот:

„По повод братската посета, која хрватскиот народен претставник д-р Анте Павелиќ и градскиот советник на градот Загреб, Густав Перчец, ја направија на Националниот комитет на македонските емигрантски организации во Бугарија, од двете страни се утврдува дека невозможниот белградски режим на кој се подложени Хрватска и Македонија, подеднакво ги поттикнува да ја усогласат својата легална дејност за извојување на човечки и национални права, политичка слобода и целосна државна независност на Хрватска и Македонија.

Како резултат на тоа двете страни изјавуваат дека во иднина ќе ги засилат и обединат своите напори за постигнување на овие идеали на двата братски народи.

Софија, 20.IV.1929“

Одговор од Белград: Смртна казна

Како резултат на оваа декларација југословенското обвинителство покренало случај против Павелиќ и на 17 јули тој бил осуден на смрт во отсуство поради антидржавна дејност и заложба за отцепување на Хрватска и Македонија од Југославија. Белград ја обвинил и Софија за соучество во организирањето на средбата, а бугарската влада дала уверение дека македонската емиграција, а не Бугарија, ги сретнала Хрватите и притоа изразила жалење за искажаните навреди кон Југославија.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD