Патриотски приказни
Прославувањето на Божиќ на 7 јануари или 25 декември?
Деновиве на порталот Инфомакс се појави статија дека „Православната црква на Украина дозволи за прв пат Божиќ да се слави на 25 декември“. Коментарите под објавата беа очекувани: Украина станала слуга на сатаната, ова е масло на Американците итн.
Што е всушност разликата помеѓу прославувањето на Божиќ на 7 јануари или 25 декември?
Прво, да се започне од тоа дека и двата датуми се симболични, зашто во Светото Писмо не е посочено дека Исус се родил на едниот или другиот датум. Значи, нема „правилен“ датум за одбележување на настанот Рождество Христово, туку е избран арбитрарен, симболичен датум. Првото посведочено празнување на Божиќ се случило на 25 декември 336 год. во Рим, датумот на кој во Римското Царство се одбележувал празникот на Сол Инвиктус, бог на сонцето (во истиот период се одбележувала и астрономската појава Сонцестој/Солстициј кај многу пагански народи). Преку „преклопување“ со овој празник, црквата имала намера да ја олесни транзицијата од паганските верувања кон христијанството.
Јулијански наспроти Грегоријански календар: Каде настана разликата?
Значи, 25 декември бил прифатен во христијанскиот свет како датумот на кој се одбележува Божиќ. Кога настанала поделбата на 25.12 и 07.01?
Јулијанскиот календар, предложен од римскиот конзул Јулиј Цезар во 46 г.п.н.е., на годишно ниво бил неточен/поспор за 11 минути и 14 секунди во однос на тропската година, кои пак на секои 128 години резултирале во разлика од еден цел ден. До времето на папата Грегориј XIII таа разлика била вкупно десет денови. Затоа била предложена реформа и во 1582 год. бил усвоен новиот и попрецизен грегоријански календар, кој бил прифатен претежно во земјите под папско влијание, што значи дека Истокот го задржал стариот календар. Па така, додека на Запад по 4 октомври 1582 год. дошол 15 октомври, во источните земји таа промена не се случила. Интересниот факт што често се пропушта тука, е тоа што на Истокот Божиќ сѐ уште се празнувал на 25 декември, но според јулијанскиот календар. Па така, додека источните цркви во 1582 год. го празнувале Божиќ на 25 декември, истовремено во Западна Европа Божиќ веќе поминал и било 4 јануари.
На секои 400 години, разликата помеѓу грегоријанскиот и јулијанскиот календар се зголемува за три денови. Па така, друг пример е тоа што кога било кренато Илинденското востание на датумот 20 јули 1903 год. во Османлиското Царство, на Западот веќе било 2 август 1903 год. Тогаш разликата била 13 денови, и како таква од 1900 год. ќе биде до 2099 год., а потоа разликата ќе биде 14 денови.
Во првата половина на 20 век грегоријанскиот календар бил универзално прифатен низ светот, вклучително и од православните држави. Но, додека државите (секуларните власти) го прифатиле грегоријанскиот календар, православните цркви промената не ја прифатиле веднаш, односно продолжиле да го користат стариот, јулијански календар. Конкретно во Македонија, пиринскиот дел прв ја доживеал промената: Бугарија во 1916 год. го прифатила грегоријанскиот календар и по 31 март следувал 14 април (во тој момент најголемиот дел од Македонија бил под бугарска власт); потоа следувал вардарскиот дел/Кралство СХС во 1919 год.: по 14 јануари следувал 28 јануари; и на крај егејскиот дел/Грција во 1923 год.: по 15 февруари следувал 1 март.
Стар и нов стил: Зошто во Македонија се пресметува различно?
Ќе приметите дека на православните календари има два датуми: стар и нов стил. Кај Божиќ, 7 јануари 2022 год., ќе видите дека исто така стои датумот 25 декември. Тоа е така бидејќи според ЦРКОВНИОТ (јулијанскиот) календар ние сѐ уште го празнуваме Божиќ на 25 декември, датум кој во СЕКУЛАРНИОТ, ДРЖАВНИОТ (грегоријански) календар се совпаѓа со 7 јануари. Оние народи кои празнуваат на 25 декември и црковно и секуларно се раководат според грегоријанскиот календар.
Со оглед на гореспомнатото, оваа година да не се нафрлуваме на нашите христијански браќа и сестри со осуди и „перчење“ за датумот на Божиќ, туку да им честитаме, затоа што го слават истиот празник кој го славиме и ние, за раѓањето на Христос, кој е Спасител за оние кои го празнуваат на 25 декември подеднакво колку и за оние кои го празнуваат на 7 јануари.
Не сме поголеми христијани ако ги презираме другите христијански народи. Да не си дозволуваме да продлабочуваме наметнати, вештачки поделби, од кои профитираат само непријателите на христијанството.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери