Патриотски приказни
Животот, подвизите и мистериозната смрт на Тане Николов
Тане Николов – име кое буди длабока почит кај сите кои се запознаени со неговото животно дело. Особено во ова време на затегнати македонско-бугарски односи, ликот на Тане сведочи за едни други времиња кога по македонските планини заедно крстареле и крвавеле македонските четници и бројни доброволци од кнежеството Бугарија, кои ја напуштале шансата за мирен живот за да помогнат во борбата за слобода на своите поробени македонски браќа и сестри.
Од лична трагедија до револуционерна заклетва
Тане бил роден во Хасково, централна Јужна Бугарија. Рано во својот живот доживеал трагедија: прво ја загубил својата жена, а потоа и својата мала ќерка. Во1902 г. ја напуштил бугарската војска и бил покрстен во редовите на ВМРО, служејќи како четник во Одринско. Од наредната, 1903 г., станал војвода на чета и како таков учествувал во Преображенското востание. Неговата чета водела голем број на битки со османлиските војски во Одринско во текот на востанието и по него, а од 1906 г. се префрлил како војвода во Македонија во Леринско. Наредната 1907 г. дејстувал како војвода во Прилепско и Велешко и во месец јули учествувал во легендарната битка на Ножот. Ја преживеал битката и бил назначен за главен ревизор на сите чети во Западна Македонија, а до крајот на годината водел ред битки со српски, грчки и османлиски одреди во Мариово.
Битката на Ножот и конфликтот со Сандански
По убиството на неговиот близок пријател Сарафов, Тане се спротивставил на санданистичкото крило. По Младотурската револуција во 1908 г. одбил да го предаде своето оружје и се спротивставил на младотурскиот режим. Истата година извршил обид за атентат врз Сандански, но бил неуспешен. До почетокот на Првата балканска војна продолжил со револуционерната дејност, а по нејзиниот почеток биле заборавени старите недоразбирања и војувал рамо до рамо со борците на Сандански. Во Втората балканска војна се приклучил на бугарската армија, а потоа во ПСВ бил дел од 11 македонска дивизија. Имал голема улога во задушувањето на српското Топлишко востание во 1917 г., водејќи партизанска чета составена од борци на ВМРО.
Тракиската борба и зачувување на револуционерниот дух
По војната бил еден од водачите на ВТРО (Внатрешна Тракиска Револуционерна Организација) која заедно со Турците се борела против новата грчка власт во Западна Тракија. Учествувал во бројни борби, но по превратот од 9 јуни 1923 г. во Бугарија се согласил со политиката на Цанков за прекин на вооружената борба во Грција.
Враќањето на Ножот во 1941 и крвавиот епилог во Асеновград
Тане со немир ги следел внатрешните проблеми на организацијата, па на една средба со други дејци во 1924 г. изјавил: „Во редовите на ВМРО има крајни недоразбирања и ние, старите работници, кои го создадовме тоа дело, не можеме да останеме рамнодушни и неми сведоци“. Стариот војвода не учествувал во братоубиствата во 20-те и 30-те години на минатиот век, а им помагал на преживеаните борци кои се соочувале со материјални потешкотии. По 1941 г. Тане ги посетувал Македонија и Одринско и учествувал во тамошните чествувања посветени на борбите од минатото: тој е иницијатор и покровител на првото свечено одбележување на годишнина од битката на Ножот во 1941 г., како и на подигнувањето на голем крст на самиот врв. Веднаш бил уапсен по превратот во Бугарија од 9 септември 1944 г., но бил ослободен после неколку денови.
Крајот на својот бурен живот, одбележан со бројни подвизи и херојство, го дочекал на 73 годишна возраст по еден инцидент во 1947 г.: после многукратни конфликти со наемниците на неговата мелница и тамошните работници, Тане отишол вооружан да ги расчисти проблемите. Дошло до судир во кој стариот војвода убил еден од наемниците и тројца работници, смртно ранувајќи уште еден. Постојат две верзии за тоа што следувало: според комунистичката власт, Тане се обесил; според другата верзија, тој сам ја повикал милицијата после настанот и бил уапсен и убиен.
Можеме само да се восхитуваме на долгата биографија на овој херој, кој голем дел од својот живот безрезервно го посветил на борбата за слобода на Македонија и Одринско, оставајќи светол пример за идните генерации. Ние помниме: слава му на Тане Николов!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери