ВМРО, Историја, Прва светска војна

Валандовска акција (1915)

Валандовска акција 1915

На денешен ден во 1915 г. била извршена најголемата воена акција на ВМРО во историјата. Над 1.000 комити, помогнати од една турска чета, нападнале три утврдени пунктови на српските сили во Бојмијата (регион во југоисточна Вар. Македонија) – кај Валандово, Пирава и Удово. Биле нанесени големи жртви на српските окупаторски сили во текот на еднодневните борби, а акцијата имала широк меѓународен одзвук.

Причините за нападот: Теророт и геополитичките превирања

До акцијата дошло поради повеќе причини. Најпрво, српската окупаторска власт за македонскиот народ била толку жестока што се чинело дека претходната османлиска власт била благослов кој не бил ценет. Помеѓу 1913 и 1915 г. биле убиени илјадници Македонци од страна на српскиот окупатор, а теророт бил забележан и од Карнегиевата анкета во чиј извештај биле заведени воените злосторства за време на Балканските војни. Со оглед на таквата положба на македонско население во Вар. Македонија, структурите на ВМРО чувствувале должност за обновување на својата дејност, овој пат против српската власт.
Второ, во 1915 г. биле интензивирани преговорите во кои учествувале Антантата и Централните сили со Србија и Бугарија, а во кои се разговарало и за судбината на Македонија. Целта на ВМРО била да наштети на српскиот воен напор (Србија веќе војувала на север со Австро-Унгарија) преку саботирање на снабдувањето на линијата Солун-Скопје и да ја принуди Србија на поголеми отстапки при решавањето на македонското прашање.

Текот на битката и триумфот во Валандово

На чело на комитските чети на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов, Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други. Утрото на 20 март 1915 г. биле нападнати трите пунктови. Околу десет часот, борците на ВМРО успеале да влезат во Валандово, каде што била истребена српската посада, додека борбите кај Пирава и Удово се воделе до ноќта. Во ослободено Валандово бил одржан собир на кој било истакнато дека наскоро цела Македонија ќе биде ослободена од српска власт. По пристигнувањето на српски засилувања комитските чети се повлекле на територијата на Бугарија.

Српските загуби биле 261 мртви и 87 ранети, додека ВМРО загубило 40-тина борци. Вечна им слава на паднатите херои!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD