Идеологија, Историја, Политика

Должност кон паднатите

Македонска слобода

За еден ропски народ највисокиот идеал е слободата. За тој идеал паднале безброј македонски борци низ историјата. И во не толку далечното минато многумина Македонци го дадоа животот за зачувување на таа слобода. Дури и кучињата се верни на оние кои им сториле добро, а нема поголемо добро од жртвувањето на својот живот за слободата на идните генерации.

Илузијата на вечниот мир и геополитиката

Додека сѐ уште се живи генерациите на Хрвати, Срби, Босанци, Словенци кои самите ја плаќаа цената за слободата и сочувувањето на татковината, ние Македонците имавме среќа да нѐ избегне страдањето од размер како тој во останатите земји на поранешна Југославија. Меѓутоа се чини дека таа среќа ние ја земавме здраво за готово. Не осетивме такви тешкотии на своја кожа, па затоа не го цениме тоа што го имаме денес. Тие кои ја проучуваат историјата и ја следат светската геополитика знаат дека не постои вечен мир. Договори, повелби, организации како тие кои го оддржуваат денешниот релативен мир во цивилизираниот свет постоеле и во минатото, сѐ додека историските околности не довеле до нивно поништување и нарушување на мирот. Обединетите Нации, ЕУ, НАТО и слични организации кои се претставуваат како бранители на мирот и главен безбедносен фактор во светот нема да постојат вечно. Овој мир кој ни дозволува да бидеме спокојни нема да постои вечно. Кога тогаш секој народ мора да плати данок за своето постоење.

Повикот кон должност и заветот на хероите

Да се молиме да нѐ одмине чашата, но не смееме да дозволиме да бидеме летаргични и да се препуштиме на лажното чувство на вечна безбедност и негрижа, затоа што еден ден може да дојде мигот за исполнување на нашата должност кон татковината, но и кон сите тие Македонци пред нас кои го исполниле својот долг. Нивната жртва не смее да биде залудна. Хероите од Кресна, Мечкин Камен, Дренак, Вејце, Куманово и сите други места и краеви на нашата Македонија нека бидат нашето „memento mori” и нашиот повик кон должност! Жива е Македонија и жив е поменот на славното минато на нашиот народ!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD