Патриотски приказни
Битката кај Мечкин Камен
Без сомнеж, епопејата на Мечкин Камен е најпрочуената од текот на Илинденското востание и македонската револуционерна борба. Битката се случила на 12 август 1903 г., како и таа кај Слива. Во неа главна улога имал одредот на војводата Питу Гули.
Питу Гули бил најгласен застапник на идејата за одбрана на Крушево. Тој под своја команда имал и најмногу борци – околу 350. Бидејќи располагал со најголемата сила од сите што го бранеле Крушево, добил задача да чува најголема зона на позициите јужно од градот. Бранителите биле распоредени во селата Трстеник, Бирино, Журче и Острилци, а главнината и Гули се наоѓале на Црн Врв.
Одлука за борба до последен здив
Со надоаѓањето на османлискиот аскер и башибозук, четниците биле принудени на повлекување. Тие се прегрупирале кај Мечкин Камен – каменита висорамнина на Биринската Пл., која е падина на Баба Пл. Иако имало наредба за повлекување на востаничките сили доколку се наоѓале пред голема османлиска војска, Питу Гули и неговите борци решиле да го чекаат непријателот и да се борат до крај.
Крвавата драма на 12-ти август
Одредот се поделил на 9 чети, кои ги заземале своите позиции, а Гули и борците – спремни за херојска смрт – ги размениле последните поздрави. Според Г. Томалевски, во самата битка учествувале 170 четници. Утрото на 12 август востаниците добиле сознанија дека Османлиите настапуваат од три страни – тие броеле над 2.000 борци. Во 10 часот започнала битката. Прв нападнал башибозукот, а потоа војската. Четниците храбро се држеле и не отстапувале од своите позиции. Гули постојано ги охрабрувал, а нападите на аскерот биле одбивани. Сепак бројноста на непријателот го направила своето – фронтот се раширил и четниците морале да ги растурат своите позиции. На моменти имало и борба гради в гради. До 19 часот приквечер Мечкин Камен бил опколен и тогаш аскерот го започнал последниот напад. Востаниците го пружиле последниот отпор, но Мечкин Камен паднал. Таму останале телата на 40-тина борци, меѓу кои и Гули. Останатите се засолниле во гората. Аскерот продолжил кон Крушево, кој бил бомбардиран и заземен следниот ден.
Вечен спомен за крушевските јунаци
Со својата саможртва, хероите од Мечкин Камен добиле место во македонската свест за навек. Вечна слава и памет!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери