Патриотски приказни
Илинденска споменица: Признание за хероите од 1903
Пред создавањето на македонската држава во 1944 година, ВМРО често пружало финансиска поддршка на фамилиите на загинати ветерани од Илинденското востание и македонската револуционерна борба. По прогласувањето на македонската држава, државните органи сакале да започнат официјална програма за наградување на преживеаните борци од периодот на османлиската власт. За таа цел во 1950 г. бил изгласан Законот за „Илинденска споменица“, популарно нарекувана „Илинденка“.
Кој можел да стане носител на „Илинденка“?
Одликувањето било доделувано во 1953 година по повод 50 години од Илинденското востание и тоа на лица:
- кои биле раководители на борбата;
- кои непосредно учествувале во оружени судири;
- кои по наредба вршеле специјални задачи во полза на движењето;
- и кои на други начини се стекнале со заслуги за движењето и борбата и постигнале успеси во борбата за слобода на македонскиот народ.
Симболика и изглед на одликувањето
Споменицата е на квадратна основа: подложната површина се состои од позлатен никел во форма на зраци, а во кругот од две ловорови гранки е претставен релјеф на борци илинденци со посребрен никел. На долниот дел од кругот стои натпис „Илинден – 1903“.
Правила за носење и посебни привилегии
Постоеле неколку правила за носење на споменицата: лицата кои ја добиле смееле да ја носат во било кое време; требала да се носи на левата страна на градите, на средината од горниот лев џеб; доколку носителот имал и значка од било која друга друштвена организација, Илинденската споменица требала да се носи над нив; по смртта на носителот споменицата останува на неговата фамилија, но никој нема право да ја носи или отуѓува.
Носителите на споменицата добивале и месечна илинденска пензија, а имале и посебни права, како право на лекување на државен трошок, бесплатен едномесечен одмор годишно, попуст при превоз и погребение на државен трошок. Програмата замрела во 1950-тите, како што старееле или умирале нејзините корисници.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери