Патриотски приказни
Чиј е Александар? Наследството на големиот македонски крал
На 10/11 јуни 323 г. пред Христа, во Вавилон згаснал животот на Александар Велики. Овој македонски крал преку своите подвизи ги запишал неговото име и името на неговата татковина Македонија во аналите на вечноста.
Походот до границите на познатиот свет
Скоро и да не постои човек кој може да каже дека стигнал до крајот на светот. Сепак, тоа не е далеку од вистината во случајот со Александар и неговата војска. Во неговото време мапите на светот создадени од географите можеле да се избројат на прсти, а според тоа што им било познато на хеленските мислители Индија го претставувала источниот крај на светот. Во подвиг претходно непознат, еден европски владетел успеал да го покори истокот и да стигне до крајот на светот. Походот на Александар допринел за унапредување на знаењата за светската географија, што било видливо во новите мапи.
Војсководец од древноста со космополитски визии
Додека неговиот татко Филип бил голем војсководец, но уште поголем државник, Александар го надминал својот татко како еден од најголемите војсководци во историјата на светот, меѓутоа поради раната смрт на 32 г. возраст не бил во можност да ги демонстрира своите државнички способности до крај. Денес најчесто се говори за неговиот космополитизам и се создава една слика за крал кој освојувал со грациозност и владеел со љубов. Додека е вистина дека некои од неговите политики имале космополитски карактер насочени кон создавање на единство во големото царство, познати се и случаеви кога цели градови биле срамнувани со земја, а племиња биле истребувани. Сепак, тоа треба да се толкува во духот на неговото време – моралните вредности за еден владетел од древноста и политичар од 21 век не можат да се споредуваат.
Правото на наследство и современите дебати
Често се истакнува и прашањето „чиј е Александар“. Тој живеел пред 24 века. Да се поистоветува ексклузивно со некоја денешна нација е смешно. Но сепак, обидот да се одземе правото на денешните Македонци да го слават наследството на античките Македонци е еднакво на лудило. Како жители на регионот Македонија ние го имаме секое право да ги славиме сите наши предци, без разлика кои биле тие.
Покрај таквите деликатни прашања, факт е дека Александар Велики останува една од најголемите личности во светската историја, чии воени тактики се изучуваат до денешен ден.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери