ВМРО, Историја, Османлиски период

Апостолот на слободата: Како Делчев го будеше народот

Гоце Делчев

За делото на македонскиот Левски, балканскиот Гарибалди, апостолот и срцето на револуционерна Македонија – Гоце Делчев – е пишувано обемно. На овој ден, за одбележување на годишнината од неговата херојска смрт кај Баница (во која паднале и четири други борци) ќе спомнеме за тоа како Делчев гледал на борбата за слобода на македонскиот народ.

Моралната револуција како темел на борбата

Можеби најзначајната изрека на Делчев е следната: „Морална револуција – револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголемата задача“. Ѓорче Петров запишал: „Делчев ја ставаше единката како основа на колективното цело. Една од основните задачи во неговата агитаторска работа беше да создаде карактери и да го подига духот на луѓето за поединечна работа и борба, за лична иницијатива. Тој имаше голема слабост кон луѓето на личното херојство и на личната иницијатива… Вистинската борба за него беше онаа на поединците, а не на колективите“. Меѓутоа, Гоце полагал внимание и на втората компонента – тој изградил еден цел систем на револуционерната борба на масите. Борбата на поединците ја сметал како преодна етапа, како премин кон колективната, кон револуцијата во полната смисла на зборот. Според Делчев до високата цел на револуцијата се доаѓало по постепен пат. Тој сметал дека „еден петстогодишен роб ќе посегне по оружјето не од очајание, туку од железната неопходност – која ја осознал – да живее слободно, зашто поинаку не може да се живее“. Ова било блиску до ставот на францускиот социјалист Луј Август Бланки, под чие влијание бил и Делчев, а гласел: „Орудието на ослободувањето не е раката, туку мозокот“.

Вечниот завет на историјата

Ќе завршиме со цитат на историчарот Крум Христов:
„Овој народ секогаш ќе знае дека Гоце Делчев го направил за него она што никој дотогаш не беше го направил… му ги посочи патиштата за постигање на високата цел, му ги откри можностите на народот, му вдахна вера во неговите сопствени сили… И народот му остана секогаш благодарен.“

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD