Идеологија, Историја, Независна Македонија

Македонскиот национализам: Време е за вистината

Македонски национализам

Во последниве неколку години терминот „националист“ делумно се прифати во македонската јавност. Меѓутоа, сметам дека кај Македонецот се уште преовладува стравот од тој термин. Се уште Македонецот чувствува потреба да се правда кога ќе биде наречен националист, најчесто преку објаснување дека тој е патриот, а не националист, иако по сите стандарди е националист. Македонецот треба да заборави се што слушнал за национализмот во последните 75 години и повторно да го преиспита терминот, за да престане да се самопонижува со правдање за тоа што всушност самиот е.

Разликата меѓу нацијата и државата

Постојат различни прифатени дефиниции за национализмот, а постојат и повеќе видови на национализам. Денес, помеѓу самопрогласените националисти преовладува чувството на љубов на СВОЈОТ народ и истакнувањето на СВОИТЕ интереси пред туѓите. Еден ПАТРИОТ ја сака својата ДРЖАВА, без разлика дали таа е Македонија или Северна Македонија, и дали во неа Македонците се мнозинство или малцинство. Еден НАЦИОНАЛИСТ ја сака својата НАЦИЈА, својот НАРОД. Државата се менува – моменталната влада може да работи против својот народ, а може и целосно да згасне државата – но нацијата опстојува се додека има свои припадници. Тоа не значи дека државата не е потребна: за еден народ да нема држава е како едно семејство да нема дом.

Почитување на туѓото, одбрана на своето

Значењето на поимот национализам се меша со поимот шовинизам. Не ја правете и вие таа грешка на која ве поттикнува неолибералната пропаганда. Еден принципиелен националист ги почитува припадниците на други нации. Ние Македонците не треба да им се лутиме на Албанците за тоа што ги бранат своите национални интереси, туку треба да се запрашаме зошто ние не ги браниме нашите. Македонецот мора да запомни дека негов народ се Македонците, а Албанците и останатите кои живеат тука можат да бидат само граѓани на Македонија – не можеме и не треба да ги присилуваме да бидат нешто што не се. Впрочем, таквото присилно вклучување би било штетно и за нашиот македонски идентитет.

Љубовта кон сопствениот дом

Македонецу, национализам е да ги сакаш своите дома повеќе отколку своите соседи – тоа не е омраза.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD