Патриотско Друштво

По 55 години СПЦ ја одобри автокефалноста нa Македонската православна црква

МПЦ И СПЦ

По 55 години СПЦ ја одобри автокефалноста нa Македонската православна црква

По 55 години СПЦ ја одобри автокефалноста нa Македонската православна црква

„А сега браќо и сестри кои дојдовте овде, ви носиме уште една радост. Светиот архијерејски собор на СПЦ едногласно и еднодушно излезе во пресрет на молбата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, каде што Соборот на нашата црква благословува и одобрува, прифаќа и признава автокефалност“. Ова беа зборовите со кои поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, стави крај на повеќедеценискиот спор помеѓу православните цркви на Република Србија и Македонија. 

Историскиот предок на Македонската православна црква, Охридската архиепископија, била првата словенска православна црква. Низ вековите нејзините граници се менувале, и таа во различни периоди зафаќала различни делови од Балканскиот полуостров. По бројни притисоци врз Охридската архиепископија, таа била укината во 1767 година. Епархиите на тогашната Охридска архиепископија биле соединети кон Цариградската патријаршија. Потоа биле дел од Бугарската егзархија за по Првата светска војна присилно да бидат присоединети кон Обединетата православна црква на Србите, Хрватите и Словенците. И покрај големите пропагандни движења од соседите, кај македонскиот народ не умрела желбата за возобновување и создавање на својата црква. Тој ја искористил првата таква прилика, која се појавила по Втората светска војна.

Од нејзиното возобновување по Втората светска војна, Македонската православна црква низ децениите била во константен судир со Српската православна црква. Дури и по прогласувањето на автономност на МПЦ, српската црква продолжила со потчинувачкиот однос кон МПЦ. Светиот Синод на Македонската православна црква бил принуден да го свика и Третиот македонски црковно-народен собор (17 јули 1967) на кој конечно е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква, наследничка на Охридската архиепископија.Овој потег на Светиот Синод бил пречекан со радост од Македонците во земјата и ширум светот. Сепак, прогласувањето на автокефалност отворило нови проблеми за МПЦ. Македонската православна црква со децении останала непризнаена од сите канонски цркви, а СПЦ настојувал за канонско единство помеѓу двете цркви.

Поголеми промени во однос на ова прашање се случија месецов. Прво, Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА како канонска црква (иако тоа беше направено под користејќи го името „Охридска православна црква“. Сепак, црквата сè уште не беше автокефална, а таа одлука Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја препушти на СПЦ. 

Вчера, за време на заедничката божествена литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“, српскиот патријарх Порфириј ја прифати автокефалноста на МПЦ. На големиот ден на кој ги славиме Светите браќа Кирил и Методиј добивме уште една причина за радост. Македонската православна црква го доби заслуженото место во православниот свет, заедно со другите канонски цркви. Што преостанува сега е да се договорат техничките детали во врска со автокефалноста. По нив ќе следи и свечено прогласување на истата, а потоа црквите од православниот свет ќе бидат повикани да ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан оправдано изјави дека вчерашниот ден беше ден во кој се радуваа сите – црквата, небото и земјата. Се радуваа сите кога по 55 години двете цркви служеа заедничка Света литургија. Во време кога Македонија е под уцени од нашиот источен сосед, овој потег на СПЦ е за поздравување. Без ултиматуми, политички игри и спогодби, Србија уште еднаш се покажа како примерен сосед на нашата држава. Она што ни останува нам е да се радуваме на оваа историска одлука и да настојуваме да ја почитуваме православната црква и вера најмногу што можеме. Еден е Господ. Една е црквата негова. Една е верата наша.

6.618 thoughts on “По 55 години СПЦ ја одобри автокефалноста нa Македонската православна црква”

Comments are closed.

Shopping Cart

SPIN TO WIN!

  • Пробајте ја вашата среќа да добиете купон за попуст
  • 1 вртење
  • Без мамење
Пробајте ја вашата среќа
Never
Remind later
No thanks