2001: Операција МХ-2
Успехот на операцијата МХ-1 довел до тоа да бидат ослободени повеќе села во близина на Скопска Црна Гора и Кумановско: Лојане, Ваксинце, Отља, Матејче и Слупчане. Силите на АРМ вршеле контроли во овој регион и било овозможено слободно живеење на тамошното население. На крајот на април 2001 година доаѓа до инцидент во кој загинуваат двајца припадници на АРМ, а еден војник е заробен во селото Ваксинце. Оваа кукавичка постапка на терористите на ОНА ги тера македонските сили да посветат поголемо внимание на овој регион. Бидејќи истовремено нашите служби добиваат информации за идните акции на војската на Југославија во Прешевската долина, донесена е одлука македонската операција „МХ-2“ да биде извршена најдоцна до 25.5.2001.
Еден од проблемите при извршување на операцијата „МХ-2“ било бројното цивилно население на просторот. Терористите на ОНА почнале сè повеќе и повеќе да се мешаат и кукавички да се кријат меѓу населението на тамошните села. Ова овозможило и поголемо мешање на меѓународната заедница и хуманитарните служби кои со сите сили се обидувале да спречат акции на македонската армија во овој регион. Дополнително, некои од овие служби директно помагале на терористите во села како Ваксинце, Оризаре и Слупчане.
Заедно со единиците на АРМ во операцијата „МХ-2“ учествувале и 480 полицајци кои асистирале во обезбедување на патните правци. Единиците набрзо стигнале кај селата Слупчане, Оризаре и Ваксинце и тие биле меѓусебно раздвоени. Во меѓувреме биле освоени Лопате, Опае и Лојане. Во овој период настанале дополнителни политички проблеми за Армијата. Премиерот Љубчо Георгиевски, кој бил присутен во командниот центар, наредил прекинување на воените дејствија по извршен краток телефонски повик. Имено, тој добил информации за наводни цивилни жртви во гореспоменатите села. Такви жртви немало. Генералот Панде Петровски почекал да добие наредба од самиот претседател Борис Трајковска, па дури тогаш наредил прекин на операцијата.
Силите останале на моменталните положби, а операцијата била само делумно извршена. Набрзо се откриле информации за мешањето на странските разузнавачки служби во операцијата. Исто така, илјадници цивили, меѓу кои и значителен број на терористи, барале да бидат префрлени на Косово. Тие имале нереални барања за префрлањето, сè со цел тоа да биде одложено до 25 мај. Тогаш ОНА очекувала засилувања од Косово и Прешевската долина. Армијата веднаш почнала со подготовки за нова операција – „Ваксинце“.