2001: Операција Руѓинце
Месец мај бил исполнет со редовни акции на македонските сили во Кумановско. Покрај операциите „МХ-2“ и „Ваксинце“, во овој период е извршена една брза акција во селото Руѓинце. Инаку, селото се наоѓа северно од Слупчане и западно од Ваксинце. Тоа е слабо населено и во периодот на конфликтот имало до 50 жители, од албанска националност. Армијата не му придавала голема важност на селото сè додека на 17 мај не бил фатен еден терорист кој открил важни информации. Имено, група терористи била сместени во неколку куќи во близина на селската џамија.
Било одлучено оваа операција да ја изведат припадници на Шестиот одред, односно „Волци“. Тие би добиле артилериска поддршка од Алашевце, Стража и Белановце. Терористите главно биле вооружени со кинески „Калашникови“. На 20 мај, ден пред нападот, во тајност биле десантирани три тима „Волци“ кои имале за цел да се доближат до наведените куќи во текот на ноќта. Утрото започнало со лансирање на ракетни фрлачи по означените куќи, а било извршено и десантирање на специјалните единици. Истовремено биле извршени и демонстративни напади пред Слупчане, Оризаре и Ваксинце.
Самата операција во Руѓинце била одлично испланирана и координирана. Заробените терористи биле пренесени во Куманово со хеликоптер. Групата во Руѓинце побарала засилување од терористите во Слупчане, но истото било разбиено во заседа организирана од нашите безбедносни сили. Уште една група која некое време се криела во Ваксинце била разбиена во обид да се извлече од самото село. Во Руѓинце биле запленети и уништени складови со муниција, автоматски пушки и гориво.
Како и за некои други операции во конфликтот, терористите добиле внатрешни информации и за операцијата во Руѓинце. Во куќите над селската џамија била пронајдена недоварена храна, бројна опрема и запален оган. Сепак таму имало само еден албански терорист. Набрзо се дознало дека терористите избегале од куќите околу еден час пред почетокот на нападот. Изненадува фактот што за операцијата знаеле многу малку луѓе, а тајната повторно била откриена. Бил информиран претседателот Борис Трајковски, министерот за одбрана Владо Бучковски како и Ристо Галевски, Стојче Зенговски и Зоран Блажевски од безбедносните сили.