Патриотско Друштво

Гемиџиите

Гемиџиите

Масовноста на македонското ослободително движење значела и дека во него ќе учествуваат дејци со најразлични идеолошки погледи. Сите тие биле спремни да соработуваат едни со други и сите нив ги обединувала една карактеристика – нивната пожртвуваност кон Македонија. Пример за една ваква група се Гемиџиите. Тие биле млади интелектуалци, повеќето на студии во Швајцарија, кои се откажале од сè за Македонија. И покрај молбите на нивните семејства, тие одлучиле да ги дадат животите за слобода. 

Македонскиот таен револуционерен комитет, познат и како Женевската група, бил анархистички кружок кој го започнал своето слевање во редовите на ТМОРО во 1898 година. Некои членови на МТРК, поточно Славе Мерџанов и Петар Манџуков, одлучиле да продолжат самостојно и имале големо влијание во основањето и дејствието на Гемиџиите. Така настанал нов анархистички револуционерен кружок. Во него членувале интелектуалци главно од Велес, но и од други краишта на Македонија.

Главната цел на Гемиџиите било да се привлече вниманието на Европа кон македонското прашање. Наместо кревање на големо востание, тие сметале дека ова најдобро може да се постигне со загрозување на европските интереси во Отоманскато Царство. Прв проблем за Гемиџиите било финансирањето. Тука се покажала на дело соработката меѓу организациите. Гемиџиите добиле поддршка и од МРО и од Врховниот комитет. Посебно заангажиран за помагање на Гемиџиите бил Борис Сарафов.

Групата започнала со копање на тунели кон банките во Солун и Цариград. За жал, властите ги откриле извештаите за копањето на цариградскиот тунел за време на познатата Солунска афера, па цариградскиот план воопшто не заживеал. Додека траело копањето на тунелот во Солун, полека пристигнувале завидни количини експлозив. На крајот биле обезбедени над 280 килограми динамит. 

Солунските атентати започнале на 28 април (нов стил). Павел Шатев го потопил францускиот брод „Гвадалкивир“ кој целосно изгорел, но сите патници биле спасени. Истиот ден Мечев, Трчков и Арсов успеваат да го онеспособат возот кој патувал на релација Цариград – Солун. Веќе следната вечер дошло до нов напад на солунската инфраструктура. Имено, динамитот на Константин Кирков предизвикува темница и недостаток на вода во цел Солун. Истовремено Јордан Поп Јорданов – Орцето, лидерот на кружокот, успева да го активира неговиот експлозив и да ја уништи Отоманската банка во градот. 

Бомби се фрлени и во театарот Алхамбра, хотелите Гранд и Египет, како и пред кафеаната Ноја. Имало и неуспешни обиди за кревање во воздух на телеграфско-поштенската станица и обид за атентат на валијата Хасан Фехми паша. Поголемиот дел од Гемиџиите се самоубиле, одбивајќи да се предадат на окупаторот. Четири од нив, вклучувајќи го и Павел Шатев, биле испратени во затвор во Либија. Солунските атентати успеале да ја остварат замислената цел и го привлекле меѓународното внимание. Рациите организирани по атентатите довеле до апсење на преку 2000 лица, симпатизери на македонското дело. 

Shopping Cart

SPIN TO WIN!

  • Пробајте ја вашата среќа да добиете купон за попуст
  • 1 вртење
  • Без мамење
Пробајте ја вашата среќа
Never
Remind later
No thanks