Идеологија, Политика

Црвениот терор

Црвениот терор

Зошто некој би го зел во предвид мојот, националистички збор, кога говориме за крајната левица и црвениот терор? Сигурно наместо тие да вршат терор сакам мојата страна да си го обезбеди тоа право. А и нели низ историјата имало и „бел терор“ од страна на антикомунистите?

Зошто црвениот терор е пострашен од „белиот терор“

Причината поради која црвениот терор е пострашен е бидејќи нема граници. Кај националистите постои јасна хиерархија на верност: нацијата е на врвот. Сите припадници на нацијата – сиромашни и богати – се рамноправни и државата треба да се грижи пред и над сè за нивниот интерес. Доколку некој треба да се плаши од националистите, тогаш тоа се тие кои ја мразат нацијата и работат против неа, односно против нејзините припадници.

Идеолошките корени на левичарскиот терор

Самата левичарска идеологија, но и историските примери, ни покажуваат дека црвениот терор може да го опфати секого – без разлика дали е сонародник или туѓинец, сиромашен или богат, припадник на партијата или само симпатизер. Револуционерната левица не познава национална солидарност, туку само класна, а кој е класен непријател зависи од нејзиното моментално разбирање. Тоа може да биде сопственикот на мегакорпорација, а може да биде и селанецот кој не сака да се откаже од својот трактор.

Постои ли крај на револуционерниот терор?

Во секој случај, нацијата е поделена по линии воспоставени од левицата и нема да има единство додека сите линии освен црвената не се физички истребени – а таков крај нема во комунистичкиот светоглед, бидејќи класни непријатели (читај: било кои критичари на режимот) постојано се појавуваат и постојано мора да има терор за да се „одбрани револуцијата“. Во една таква состојба на постојан терор секој осознава дека е во опасност и многумина соработуваат со режимот за да се спасат себеси: поткажувајќи ги своите соседи, родители, браќа, сестри.

Внатрешни чистки и самоуништување на режимот

На крајот и поткажувачите, симпатизерите и самите членови ја губат наклонетоста на режимот. Комунистичките чистки се добро познати и масовни – броејќи милиони луѓе, опфаќајќи виновни и невини, па дури и од редовите на своите најпосветени револуционери.

Социјалните и економските последици од комунизмот

Човек дури и да го преживее сето ова, се соочува со можноста да умре од глад поради комунистичките експериментални политики.

Историски примери на црвениот терор низ светот

Црвениот терор во Шпанската граѓанска војна (1936–1939)

Ако сакате конкретни историски примери, истражете за црвениот терор за време на Шпанската граѓанска војна (1936-39), кога левичарите спроведувале не само политички прогон, туку и религиозен прогон против католичката црква, убивале свештеници, рушеле цркви и монастири и уништувале икони, фрески, статуи, сквернавеле гробови на монаси па дури и ги откопувале нивните гробови за да ги расфрлуваат коските – сето ова е документирано и дури постојат и снимки;

Црвениот терор во Русија и СССР

Истражете за црвениот терор во Русија и СССР, за стотиците илјади убиени во времето на Ленин, за милионите убиени во времето на Сталин – особено прочитајте за неговите внатрепартиски чистки, за гулазите, за Гладоморот;

Црвениот терор во Кина за време на Мао Це Тунг

Истражете за режимот на Мао во Кина, за катастрофалните политики за време на Големиот чекор напред и последователниот глад кој одземал десетици милиони животи, за Културната револуција кога се спровел нов бран на чистки помеѓу населението, кога радикализираните толпи буквално практикувале канибализам врз обвинетите „класни непријатели“, кога се уништувале остатоци од традиционалната кинеска култура – артефакти, споменици, книги, храмови;

Геноцидот на Црвените кмери во Камбоџа

Истражете за Црвените кмери на Пол Пот во Камбоџа кои извршиле геноцид врз СОПСТВЕНИОТ народ, убивајќи до 20-25% од неговите припадници, бидејќи ослепени од комунистичката болест започнале да гледаат контрареволуционери и класни непријатели во секој човек.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *