Антика, Историја

Нападот и разрушувањето на Теба

Нападот и разрушувањето на Теба

Во 335 п.н.е., Теба била центар на отпорот против македонската доминација во Грција. По смртта на Филип II, неколку грчки полиси, охрабрени од гласини за смртта на младиот Александар III во неговите походи во Илирија, решиле да го прекинат македонското влијание. Главни меѓу нив биле Тебанците, додека пак на второ место се наоѓале Атињаните. Со финансиска поддршка од Персија, Тебанците прогласиле независност. Македонскиот гарнизон во градот бил принуден да се брани од цитаделата.

Опсадата и битката

Откако Александар дознал за овој револт, веднаш се упатил од територијата на Илирија кон Теба. Тебанците биле изненадени од неговата појава за толку краток период. Нивните „сојузници“ се исплашиле од директен конфликт и не пратиле војска на помош. Александар ја поделил војската на три дела. Првиот ги нападнал палисадите, вториот застанал во борба со непријателската пешадија, додека пак третиот бил резерва. Кога Александар приметил дека дел од тебанската стража напуштила една од капиите, ја искористил приликата и го испратил Пердика да ја заземе. Тогаш Тебанците се повлекле назад, но македонскиот гарнизон кој се бранел во цитаделата излегол и од зад грб ги опколил војниците на Теба.

Разрушување, казни и политички ефект

По падот на Теба, Александар дозволил на своите сојузници да се одмаздат. Градот бил разрушен до темел, над 6.000 Тебанци биле убиени во битката, а повеќе од 30.000 продадени во ропство. Само храмовите и куќата на поетот Пиндар беа поштедени, единствено поради тоа што Пиндар позитивно го опевал предокот на Александар, Александар I.

Разрушувањето на Теба имало длабок политички ефект и покажало дека не постои слабост кај новиот македонски крал. Тој се справил со антимакедонските демагози и ја зацврстил својата власт со што можел да се фокусира на походот кон Персија.