Религија

Толерантност – христијанска особина?

Толерантност - христијанска особина?

Честопати имам слушнато и видено како христијаните кои имаат цврсти ставови се критикувани од неверниците (или од кукавичните декларативни христијани). „Па зар твојот бог не вели дека треба да ги почитуваш и сакаш сите, дури и оние кои ти мислат и прават лошо?“ Толерантност како особина не е христијанска сама по себе – еве и зошто.

Христос и праведниот гнев

Говориме за христијанството, религија која буквално истакнува дека оние кои живееле грешно ќе горат вечно во незамисливи маки додека беспомошно врескаат – засекогаш, без крај. Говориме за Спасителот Исус Христос, кој со камшик ги растера трговците од храмот поради тоа што го сквернавеа домот Господов. Говориме за Господ кој до темел ги разурна Содома и Гомора, каде што неверниците хулеа на Бога.

Не, христијанството не е толерантна религија

Само човек кој никогаш не го отворил Светото Писмо и кој воопшто не ја разбира христијанската теологија може да тврди дека Господ Бог, чиј Збор е посведочен во Библијата, е толерантен. Најчесто токму неверниците, оние кои не веруваат во Словото на Бога, се тие што им кажуваат на христијаните што е христијанско, а што не, врз основа на своите имагинации.

Бог и праведноста

Истите тие неверници ги искушуваат верниците со предизвици како „ако Бог навистина постои, тогаш зошто не ги казни оние кои грешат?“. Кога истите тие неверници ќе чујат за случката од Стариот Завет, кога Бог ги казнил Канаанците поради нивните хедонистички практики, сексуална изопаченост и жртвувањето на деца за своите лажни богови, со тоа што ги истребил преку мечот на Израелците, ќе започнат да се лигават за тоа како христијанскиот Бог бил злобен: Тој не е злобен, туку е праведен.

Мрази го гревот, сакај го човекот

Бог не нѐ повикува да толерираме зло. Напротив, злото и гревот му се одвратни на Бога. Ние не би му угодиле нему ако го оставиме нашиот ближен да пати и да се продлабочува во гревови, туку ако го прекориме ближниот и го поучиме за вистинскиот пат, за да не греши и за да ја спаси својата душа. Во кратки црти, ние сме повикани да ги сакаме луѓето, но да го мразиме гревот.

Заклучок

Борете се против злото и не дозволувајте хипици кои го мразат Бога да ви кажуваат што всушност Бог заповедал. Бог не го толерира гревот, немојте ниту вие.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD