Вечна им слава на загинатите кај Гајре
Пет животи згазнаа во грозоморниот масакр кај Гајре извршен од албанските терористи. Заседите се одлика на кукавиците, а терористите на УЧК станаа препознатливи по истите во 2001 година. Нешто повеќе од месец дена по масакрот кај Вејце, македонските сили во слична заседа изгубија уште пет храбри синови. На денешен ден на патот Шипковица – Гајре се нашле припадниците на безбедносните сили кои носеа намирници и беа поддршка за бранителите кај локалниот пункт. Прво беше нападнато возилото „пик-ап 101“ каде се наоѓаа двајца од бранителите. Неколку минути подоцна бил нападнат и другиот џип „ланд ровер“. Сè уште не е познато зошто била издадена наредбата овие возила да се движат без поголема поддршка иако се наоѓале во критичен регион. Напаѓачите биле поделени во две групи од по 5-6 напаѓачи, а на местото покрај чаурите биле пронајдени и бомби, гранати и друго оружје. Третото возило кое се движело по патот успеало да избега од заседата.
Исак Руфати бил во првото возило. Се работи за постар водник од албанска националност кој бил крајно посветен на униформата и на должноста која доаѓа со неа. За жал беше убиен од негови сонародници кои не сакаа Македонија да постои. Заедно со него се возел и Кољо Китанов кој се води како најмладиот загинат во конфликтот. Прадедо му соработувал со Даме Груев, дедо му се борел против Балистите на Шара, а на истото место загинува тој. Кољо погинал на само 19 години. Во второто возило се наоѓаа бранители од битолскиот крај. Еден од нив беше Благојче Силјанов, воен полицаец кој кратко пред војната станал татко. Самиот има изјавено дека „се бори за жената и детето. Да знаат дека имаат татковина.“ Влатко Миленкоски потекнувал од семејство кое било активно во Армијата, па воопшто не изненадува тоа што и тој се одлучил за истата професија. Цели три месеци пред кобниот ден поминал на Шара, често прифаќајќи да оди на што повеќе придружби како доброволец. Третиот херој кој не ја преживеа заседата на другото возило беше Пеце Матичевски. На 22 години згасна уште еден македонски живот за кој немаше никаква одговорност од сторителите. Додека беше жив беше пример за соборците во Армијата, а денес е пример за секој Македонец кој ќе треба да ја брани татковината.