Патриотско Друштво

Разловечко востание

Разловечко востание

XIX век бил период во кој национализмот како движење зел голем замав низ целиот свет, а со тоа и на Балканот. Подучени од борбата на поробените европски нации, народите на овие простори почнале да се бунтуваат против османлиската власт. Востанието во Босна и Херцеговина и слични регионални востанија започнале период во историјата познат како Големата источна криза. Положбата на македонското население била дополнително влошена, а народот кој веќе со години бил расположен за востание се одлучил да го демонстрира незадоволството.

Како што кажува и самото име, Разловечкото востание против османлискиот окупатор било кренато во селото Разловци, Источна Македонија. Водачи на востанието биле поп Стојан и Димитар Поп-Георгиев Беровски. Се работи за двајца истакнати македонски дејци кои дале сè од себе за да го подготват населението за успех. Поп-Георгиев Беровски се школувал во Одеса и Белград и години пред востанието бил вклучен во црковната борба во Македонија. Бил поборник за обновување на Охридската архиепископија. Откако увидел дека до вистинско ослободување на Македонците може да дојде само по пат на востание, тој започнал подготовки за истото.

Планот бил, востанието да се крене во Разловци, а подоцна да се нападне Царево село (Делчево). Подоцна, тоа да се прошири во Берово, Пехчево, Струмичко, Петричко итн. Сепак, на 19 мај на востаниците им било јавено дека во Разловци пристигнале даночни чиновници. Бидејќи Разловци бил центар на востаниците и имал големи складови со оружје, тие биле принудени да започнат со востанието предвреме. 20 мај бил датумот кога започнале акциите. Прво било ослободено Разловци, а потоа Македонците тргнале кон малешевските краишта. Таму ги чекал значителен број на востаници.

За жал, набрзо водачот Беровски бил ранет во главата и востаниците се вратиле во Разловци. Ова драстично ги променило нивните планови и влијаело за брзото задушување на востанието. Во Берово ги очекувале 300 востаници, но водачите одлучиле да се вратат во Разловци и да тргнат кон Кочанско. Кај селото Лаки имале уште еден судир со османлиските чети. Властите ги сфатиле озбилно напорите на востаниците. Набрзо во Струмица и Радовиш пристигнале 500 редовни војници, а во околните региони уште по 1000.

Друг фактор кој влијаел за задушување на Разловечкото востание било предавството на радовишкиот месен полјак. Селото Смилјанци било место каде востаниците имале складирано оружје, но полјакот ги предал на Турците и поради тоа аскерот успеал брзо да изреагира. Востаниците биле брутално убивани и измачувани. Димитар Поп-Георгиев Беровски продолжил со борбата. Неколку години подоцна, тој ќе застане зад едно помасовно македонско востание – тоа во Кресна. 

Shopping Cart

SPIN TO WIN!

  • Пробајте ја вашата среќа да добиете купон за попуст
  • 1 вртење
  • Без мамење
Пробајте ја вашата среќа
Never
Remind later
No thanks