Патриотско Друштво

ТМОРО и структура на Организацијата

ТМОРО и структура на Организацијата

Во 19 и 20 век во Македонија и меѓу македонската дијаспора се појавиле многу организации кои имале за цел да го помогнат македонското дело и борбата за слобода. Ниедна од нив немала толку големо влијание меѓу народот како Тајната македонско- одринско револуционерна организација. Позната под неколку имиња во текот на нејзиното постоење, оваа македонска револуционерна организација ги изградила темелите на модерното националноослободително движење. 

Кон крајот на 19 век имало неколку обиди за формирање на единствено македонско ослободително тело. Главните причини се веќе познати. Обесправеноста на македонскиот народ по конгресот во Берлин и пропагандите на соседните народи се само некои од нив. Обидите за креирање на ваква организација започнале уште од 1889 година. Пере Тошев, Даме Груев, Иван Хаџи Николов и други дејци имале слични идеи за тоа како треба да изгледа една вистинска македонска револуционерна организација. При крајот на 1893 година, поточно на 23 октомври (стар стил), дошло до создавање на Македонската револуционерна организација. Таа била основана во Солун, тогашниот центар на Македонија.

Вкупно шест видни македонски интелектуалци ја основале организацијата. Преку Петар Поп Арсов, Даме Груев се запознал со идеите на Иван Хаџи Николов. Поради потреба од медицинска помош, Дамјан го запознал и д-р Христо Татарчев. Полека кон оваа идеја биле приклучени и учителите Андон Димитров и Христо Батанџиев. Домот на вториот послужил како локацијата на која биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација – МРО. Со текот на времето кон организацијата се приклучувале големи интелектуалци како Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Борис Сарафов и Јане Сандански. Ова ја воздигнало организацијата на едно ново ниво, дотогаш невидено во ослободителното движење.

Една од главните цели на ТМОРО била да извојува автономија на Македонија со своите сопствени сили. Секоја материјална помош од страна била добредојдена, но Организацијата не дозволувала да стане марионета на странските интереси. Уште од нејзините почетоци, таа била строг противник на Бугарската егзархија која работела во корист на бугарската пропаганда. Организацијата соработувала и имала добри односи и со Македонскиот комитет сè додека тој не станал слуга на бугарскиот двор. ТМОРО не дозволило сила која дејствува надвор од територијата на Македонија да ја преземе револуционерната борба во свои раце.

До нејзиниот расцеп во 1908 година, Организацијата имала неколку поважни акции. Секако, најважно е Илинденското востание кренато во 1903 година. Покрај него, можеме да ја издвоиме и аферата мис Стон како и акциите на четничкиот институт. По расцепот на ВМОРО се извршени неколку обиди за негово возобновување. Иако се појавиле бројни организации кои се прокламирале за негов наследник, до обнова достојна на ВМОРО нема да дојде, барем не до крајот на Првата светска војна.

Релативно кратко по нејзиното основање, Македонската револуционерна организација успеала да создаде структура на управување на која ѝ завидело и самото Отоманско Царство. Набрзо почнал да се користи епитетот „Подземна република“ кога станувало збор за МРО. Низ годините се создал еден нелегален ентитет кој ги имал сите поважни институции на една држава.

Структурата на ТМОРО била базирана на централистички принципи. Централниот комитет било највисокото одлучувачко тело на Организацијата, барем во периодот меѓу два конгреси. Овој комитет ги назначувал членовите на окружните комитети. Како дел од окружните комитети постоеле околиски и селски комитети. Од големо значење за создавање на структурата на ТМОРО бил Солунскиот конгрес од 1896 година кој воедно бил и прв за Организацијата. Таму таа го добила името ТМОРО и биле поставени основите за понатамошно дејствување.

Гореспоменатиот Централен комитет имал претседател, секретар, касиер и три советници. Дел од него биле и задграничните претставници на Организацијата. Целта на Задграничното претставништво било да го претставува ТМОРО надвор од границите на Македонија, да обезбедува секаков тип на поддршка за движењето и да одржува добри односи со македонската емиграција и сите слични. Обезбедувањето на поддршка подразбирало и организирање на канали за оружје и пренос на чети преку границата.

Како и ЦК, така и останатите комитети имале свој претседател, секретар, касиер и советници. Иако било планирано да се основаат седум револуционерни окрузи, во пракса заживеале шест од нив, со изменети граници. Тоа биле: Солунскиот, Битолскиот, Скопскиот, Струмичкиот, Серскиот и Одринскиот револуционерен округ. Во секој од нив функционирала тајна пошта, полиција и терористичка група. Терористичките групи на почетокот се користеле за изнудување на пари од месното население. Неколку години подоцна постепено започнал да се создава Четничкиот институт на ТМОРО, со што се укинале терористичките тројки.

Тајната полиција и пошта на ТМОРО биле навистина импресивни. Тајната полиција имала свое истражно и казнено одделение. Истражното одделение се состоело од раководител и три помошници кои меѓусебно не се познавале. Казненото одделение функционирало на сличен начин, а тоа било задолжено со спроведување на казните. Тајната пошта била значително подобра од онаа на Османлиското Царство. Писмата од Солун до Софија и обратно пристигале за само еден ден. Сите месни комитети имале своја пошта која функционирала со шифрирана кореспонденција. Комитетите користеле различни шифри за комуникација со посебни тела на ТМОРО.

Организацијата доаѓала до финансиски средства на повеќе начини. Членовите плаќале на секое тримесечје, а делото било помагано и од бројни симпатизери. Постоело и насилно изнудување на средства врз тие што одбивале да го помогнат делото, а можеле, или преку грабнување на познати личности како аферата за Мис Стон.

Shopping Cart

SPIN TO WIN!

  • Пробајте ја вашата среќа да добиете купон за попуст
  • 1 вртење
  • Без мамење
Пробајте ја вашата среќа
Never
Remind later
No thanks