Идеологија, Религија

Семејството е најголемото богатство

традиционално семејство вредности

21 век е век на општествени експерименти, а ние кои живееме во Западниот свет сме заморчињата. Сѐ што некогаш функционирало во општеството и поради тоа воопшто не било ниту доведувано во прашање, денес се преиспитува и активно се поткопува. На прв удар се верата, моралните вредности и традиционалното семејство.

Поткопување на традициите: Од заедница до социјален експеримент

Човекот не е совршен, па ниту тоа што потекнува од него не е совршено, секогаш има простор за исклучоци и девијации. И во минатото традиционалното семејство и вредностите не биле совршени, или, иако нивната основа се стреми кон совршеност, сепак зависат од волјата на човекот, па оттаму доаѓале пропустите. Нашите предци не биле безгрешни и во некои сегменти од традиционалниот живот не треба да бараме буквално копирање, туку надоградување.

Природниот поредок: Семејството како основен столб на општеството

Сепак, од почетокот на човештвото до денес, постоел еден главен столб на човечката заедница и општествениот живот на луѓето: семејството. Здраво семејство е основа на сѐ во животот, во најголемиот дел од случаевите нашата лична иднина е одредена од семејните услови во кои сме пораснале, а бидејќи мноштвото семејства создаваат заедница, иднината на таа заедница зависи од правилниот развој на семејствата кои ја сочинуваат. Имајќи го ова во предвид, треба по секоја цена да ги заштитиме семејствата во здрава форма, во онаа која опстоила низ вековите и милениумите, токму поради тоа што била правилна и во склад со природата, а таа е семејство на мајка, татко и деца.

Мајка и татко наместо бројки: Важноста на родителските фигури

Менталната акробација за „родител бр. 1 и родител бр. 2“ ги отстранува столбовите „мајка“ и „татко“ од семејството, без кои не може да има здраво семејство. Секое дете има потреба од мајчина љубов и татковска фигура која ќе го насочува. Ова е неоспорен факт за кој верувам дека сме посведочиле сите ние од лични или блиски искуства: децата кои растат без мајка или без татко се соочуваат со длабоки психолошки проблеми и недостатоци кои се манифестираат подоцна во животот. Ненормално е тоа што одредени елементи и поединци поттикнуваат создавање на таква атмосфера за децата.

Нормализирањето на ваквите социјални експерименти кои е докажано дека најчесто отвораат пат за компликации е злостор.

Горчливата статистика: Цената на растењето без татко

Во прилог на текстот споделуваме дел од еден говор на поранешниот американски претседател Барак Обама од 2008 г.: „Ги знаеме статистиките – децата кои растат без татко имаат пет пати поголема веројатност да живеат во сиромаштија и да вршат криминал; девет пати поголема веројатност да ги напуштат училиштата и дваесет пати поголема веројатност да завршат во затвор. Постои поголема веројатност дека ќе имаат проблеми со однесувањето, или ќе избегаат од дома или и самите ќе станат тинејџерски родители. И основите на нашата заедница се послаби поради тоа.“

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD