Идеологија, Религија

Вртење на другиот образ – христијанска поука

Вртење на другиот образ

Во Беседата на гората, Исус го поучува народот: „А Јас ви велам: не противете му се на злиот. Ако некој те удри по дес­ниот образ, заврти му го и другиот.“ (Матеј 5:39) Овој стих е еден од најпогрешно толкуваните од денешните христијани, бидејќи се зема во крајно буквалистички облик.

Значењето на пораката

Шамарот не мора да значи физички удар, бидејќи и во секојдневниот говор знаеме да кажеме „како шамар да ми удри“ во смисла на неочекувана навреда и понижување. Кога Исус вели при шамар да го свртиме и другиот образ, мисли на повеќе нешта: да не враќаме на навреди со навреда, да не бидеме одмаздољубиви, да не бидеме злопамтила, да знаеме да простиме и некогаш да премолчиме.

Што поуката НЕ значи

Тоа што поуката за вртење на другиот образ НЕ ЗНАЧИ е при буквално физичко насилство да не се браниме и да дозволиме да бидеме осакатени или убиени, или при насилство и неправда врз некој друг да го свртиме погледот на другата страна. Поуката на Исус е насочена против одмаздничкиот дух, а не против самоодбраната.

Морални апсурди на буквализмот

Дали можете да замислите дека Исус со својата поука имал при ум дека силуваните не треба да се одбранат доколку можат и по чинот треба да кажат „можам и пак“, или кога некој влегува во вашиот дом и го убива вашето дете, да кажете „имам и друго“ и да го принесете и тоа да биде убиено?

Мир, љубов и отпор кон злото

Во Стариот и особено во Новиот Завет имаме многу поуки кои упатуваат на мир и љубов, но имаме и поуки кои ги осудуваат пасивноста пред злото и молкот пред неправдата. Врз тие основи се признава и правична војна, односно во одредени случаи и војна е морално оправдана како неопходно средство за одбрана, заштита на невините и на праведноста.

Бог сака да имаме самоконтрола, да се помируваме и да не бидеме исполнети со омраза – а не да страдаме без причина, не да бидеме кукавично пасивни, не да толерираме зло; бидејќи толеранција кон злото е многу работи, но е најмалку христијанска одлика.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *