ВМРО, Историја, Меѓувоен период

Мајскиот манифест

Мајски манифест

Во 1924 г. бил објавен Мајскиот манифест, важен документ и граничник во развојот на македонската политичка и национална мисла со кој јасно се дефинирала целта на македонското национално ослободително движење. Како се дошло до тој манифест?

Позадина и потекло на Мајскиот манифест

Во 1923 г. започнало приближување на ВМРО кон СССР. Александров, водачот на ВМРО, во ова гледал начин за зацврстување на положбата на организацијата и стекнување на поддршка од СССР во борбата за Македонија, додека СССР се надевал дека ќе го привлече ВМРО кон својата меѓународна борба.

Во таа насока, од почетокот на 1924 г. во Виена започнале разговори помеѓу преставници на ВМРО, МФО (федералистите – лево крило), БКП и СССР, па следувало потпишување на неколку договори:
– декларација за соработка од 9 април;
– платформа „За обединување на македонското ослободително движење и приклучување на ВМРО кон општобалканскиот револуционерен фронт“од ЦК на ВМРО на 29 април;
– протокол за обединување на македонското револуционерно движење, потпишано од ЦК на ВМРО и ЦК на МФО на 30 април.

За јавноста бил составен и манифест, потпишан на 6 мај, во кој била изложена усвоената платформа.

Платформата предвидувала обединување на македонското ослободително движење – на општ конгрес според уставот на ВМРО – и негово присоединување кон балканскиот револуционерен фронт кој целел кон образување на Балканска Федерација, во која свое место би имала и обединета македонска држава. Била осудена завојувачката и империјалистичка политика на трите окупатори на македонската земја, а ВМРО декларирала дека ќе ја поддржи самоопределбата и борбата на сите угнетени народности на Балканот со поткрепа од СССР. Можеби најважно од сè е тоа што МАКЕДОНСКИОТ НАРОД јасно се истакнувал како ЗАСЕБЕН и различен од другите, со право на сопствена држава.

Преговорите, објавувањето и последиците од манифестот

Важно е дека во теког на преговорите имало недоверба помеѓу двете страни, кои имале и план Б и биле подготвени за двојна игра. Имало и несогласувања во самиот преговарачки тим на ВМРО – пред сè за обврските во однос на соработка со ренегатите (како Стојан Мишев) и започнување војна со бугарската влада, како и општиот силно изразен комунистички наратив на кој инсистирала советската страна.

Александров од самиот почеток се колебал за договореното и бил свесен за опасностите, но сметал дека е неопходно како алатка за дипломатски маневар во полза на ослободителното дело, притоа барајќи излез од прифатените обврски. Тој заминал за Лондон пред потпишувањето на манифестот и оставил полномоштво на другите членови на ЦК, Протогеров и Чаулев, да потпишат во негово име, но потоа кога извршил увид во текстот пројавил незадоволство и барал одложување на неговото објавување. Назад во Бугарија бил соочен со голем притисок од воено-политичките кругови и членството, па почнало да станува јасно дека се подготвува за раскинување на договорите. Сепак, манифестот бил објавен на 18 јули во Виена во весникот „Балканска Федерација“ од страна на Димитар Влахов со согласност од Чаулев.

По објавувањето следувале големи реакции од јавноста и повеќе немало простор за задкулисни игри и маневри. На 1 август Александров и Протогеров ги повлекле своите потписи од манифестот и на 2 август издале окружно на ЦК во кое негирале дека го прифатиле манифестот, па повторно преку декларација од 5 август се одрекле од заложбите на манифестот.

Сепак, веќе било предоцна. Левите ја сметале ВМРО за недоверлива, а десните за агент на Коминтерната. И покрај тоа на 5 август во Виена биле одржани уште едни, последни преговори за продолжување на соработката помеѓу ВМРО и Коминтерната под нови услови, но без резултат – оттогаш комунистите повеќе немале волја за соработка со ВМРО. Маневрите и неодлучноста на Александров се покажале како грешка, бидејќи на крајот створил непријатели на сите страни. Потпишувањето или одрекувањето од манифестот Александров го платил со својот живот: водачот на ВМРО бил убиен на 31 август.

По овие настани левите сили – обвинети за убиството на Александров – се нашле под удар на новото раководство на организацијата во кое главна улога заземал Иван Михајлов, а ВМРО дефинитивно ја прекинала соработката со СССР. Од левите сили во 1925 г. била создадена ВМРО Обединета врз платформата на Мајскиот манифест, која подоцна се здобила со наполно комунистички карактер.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD