Патриотски приказни
Значењето на Христовата жртва
Велигден го празнувам откако знам за себе, но поголемиот дел од животот не ја разбирав баш смислата на овој празник и што претставува, освен дека Христос умрел на крстот и воскреснал. Иако други можат многу подобро да го објаснат ова прашање на вистински, духовен начин, јас ќе се обидам да ја појаснам смислата на празникот на едноставен начин, разбирлив и за оние кои не се многу во верата.
Падот на човекот и клетвата на смртта
На почетокот, кога Бог го создал човекот тој не бил осуден на неизбежна телесна смрт. Дури по гревот сторен од Адам и Ева, врз нив и сите нивни наследници била фрлена клетвата на смртта. И не само тоа, туку луѓето се одделиле од Бога – пред Воскресението ниту една човечка душа не влегла во Рајот, како казна за гревот и падот на човекот. Меѓутоа, Бог се смилувал и го пратил својот Единороден Син помеѓу луѓето, да го преземе гревот на целиот човечки род врз себе, да го откупи, да го возобнови мостот помеѓу луѓето и Бога и со тоа да овозможи вечен живот за луѓето.
Зошто мораше Исус да умре на крстот и да воскресне за тоа да се случи? Зар семоќниот Господ, Творецот на вселената, на сѐ видливо и невидливо, не можел едноставно да го отстрани гревот со просто движење на прстот?
Божјата правда и потребата од жртва
Одговорот е конзистентност. Бог е праведен и непогрешлив – Тој не можеше да го прости гревот без некаква жртва, надомест, бидејќи тоа би било неправедно. Неправедно бидејќи гревот е зло, па доколку Бог оправда такво зло, тогаш би се побил самиот себеси преку неправедно дејство. Жртвата на Христос мораше да се случи – Тој беше жртвеното јагне, жртвата за човечката душа, Кој на Себе ги презеде сите човечки гревови и преку своето страдање ја искупи грешката на Адам.
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.“
Победа над смртта за вечен живот
Христос со смрт ја победи смртта и ја обнови врската на човекот со Господ, отворајќи ги портите на Рајот за вечен живот по овој земски живот – за оние кои по сопствена волја сакаат да поминат вечност во присуство на Бога.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери