Религија

Бадник: Значењето на ноќта пред Христовото раѓање

Бадник

Бадник или Коледе е денот пред Божиќ – раѓањето на Исус Христос. Зошто го празнуваме овој ден и кое е неговото значење?

Историјата на датумот и календарот

Во Библијата не е посведочен точниот датум на Христовото раѓање, а првите христијани не го чествувале тој настан како празник. Раните црковни поглавари посочувале разни датуми за Христовото раѓање, кои се движеле од денови во ноември до денови во мај. Во 4-от век Црквата го прифатила 25 декември како датумот за празнување на Божиќ. Во 1582 година дотогашниот јулијански календар бил заменет со грегоријанскиот календар (според римскиот папа Грегориј VIII), кој го усовршил пресметувањето на времето. Источните Цркви не ја прифатиле промената и продолжиле да го користат јулијанскиот календар, според кој годината е околу 10 минути подолга од онаа во грегоријанскиот календар. Со тек на времето тие додатни 10 минути се акумулирале и денес дел од православните христијани го празнуваат Божиќ 13 дена подоцна од грегоријанскиот Божиќ. Во 2100 година таа разлика ќе биде 14 дена.

Симболиката на 25-ти декември

Бидејќи не се знае точниот датум на Христовото раѓање, датумот избран од Црквата има симболично значење – не се празнува денот како единица за време, туку настанот на раѓањето на Исус Христос. Два пагански фестивали исто така се празнувале на 25 декември, па можно е тој датум да бил избран за празнување на Божиќ за да се трансформира културата. Еден теолог во 320 година рекол „Ние го сметаме овој ден за свет, не како паганите поради раѓањето на сонцето, туку поради Тој што го создаде“.

Библискиот настан: Од Назарет до Витлеем

Што се случило на Бадник? Римскиот цар Август дал наредба за попис на населението, па секој човек требал да се врати во своето родно место за да се попише. Јосиф од Назарет заминал во Витлеем, бидејќи бил од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата жена. Додека биле таму, Богородица Марија го родила Исус. Во тој крај имало пастири, кои ноќевале под ведрото небо и го чувале своето стадо. Нив им се јавил ангел Господов и им соопштил голема радост: во градот Давидов се родил Спасителот, Христос Господ. Според еврејската традиција, ноќта започнувала во 6 попладне и завршувала во 6 наутро. Христос се родил во текот на ноќта, односно помеѓу нашите Бадник и Божиќ, па затоа Бадник има големо значење за нас христијаните.

Честит Бадник, за многу години да е празникот!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD